Вие сте овде:

ДКСК и Агенцијата за спречување на корупцијата од Црна Гора потпишаа Меморандум за соработка

10.11.2017  Државната комисија за спречување на корупцијата и Агенцијата за спречување на корупцијата од Црна Гора потпишаа Меморандум за соработка.

Меморандумот е во согласност со законските надлежности на Државната комисија за спречување на корупцијата на Република Македонија  и на Агенцијата за спречување на корупцијата на Црна Гора, како и меѓународната правна рамка, особено Конвенцијата на Обединетите нации за борба против корупцијата.

Меморандумот за соработка го потпишаа Претседателот на Државната комисија за спречување на корупцијата д-р Игор Тантуровски и Претседателката на Советот на Агенцијата за спречување корупција Горанка Вучинич.

На средбата се истакна потребата од натамошно развивање на меѓусебната соработка на антикорупциските тела со цел натамошно зајакнување на ефективноста во борбата против корупцијата преку размена на искуства и најдобри практики, признавајќи ја клучната улога на Државната комисија за спречување на корупцијата и на Агенцијата за спречување на корупцијата што ја имаат во своите земји и нивните искуства што можат да бидат од взаемна корист.

Потписниците воспоставуваат соработка со цел размена на искуства, информации и техничка помош и поддршка заради унапредување на нивната работа во рамки на законските надлежности, а се однесува на широк спектар на прашања во врска со превенција на корупцијата, промовирање на системот на интегритет и добро управување.

Од Меморандумот произлегуваат активности во делот на обуки и едукација, размена на технички и ИТ решенија и проекти, соработка меѓу јавниот, приватниот и невладиниот сектор, стратегии и политики за зајакнување на превентивните програми, истражувања, активности за јакнење на свеста за корупцијата, судирот на интереси и заштита на укажувачите, развивање на програми и активности со цел успешна реализација на обврските на Потписниците што произлегуваат од меѓународни проекти и договори.

На работната средба која што траеше два дена претставниците од Агенцијата за спречување на корупцијата на Црна Гора беа запознаени со надлежностите, организацијата и функционирањето на Државната комисија за спречување на корупцијата, се разменија знаења и искуства на повеќе теми: финансирање на политичките активности – контрола врз финансирањето на изборните кампањи, следење на имотот и приходите на функционерите,  водење на регистарот за избрани и именувани лица,  посебна евиденција, политика на интегритет и заштитата на укажувачите.