Вие сте овде:

Соопштениe

06. 10.2017  Во врска со Законот за изменување и дополнување на Законот за минимална плата во Република Македонија и негова примена, сметано со исплата на плата за месец септември 2017 година и Законот за материјално обезбедување на невработени лица поради приватизација на претпријатија со доминантна сопственост на државата, а со оглед на тоа што се наоѓаме во период на изборен процес - во периодот сметано од денот на донесување на одлуката за распишување на избори за членови на советите на општините и Советот на Градот Скопје и за градоначалници на општините и за градоначалник на Градот Скопје до завршувањето на изборите за избор на градоначалник или членови на советот, односно до конституирањето на советот на општините и на градот Скопје, Државната комисија за спречување на корупцијата на органите на државната управа, фондовите, агенциите, дирекциите, јавните претпријатија, јавните установи, независните регулаторни тела основани од државата, трговските друштва основани од државата и други институции основани од државата, другите државни органи и други правни лица што располагаат со државен капитал им укажува дека со исплатата на минималната плата согласно со одредбите на наведениот закон и Законот за материјално обезбедување на невработени лица поради приватизација на претпријатија со доминантна сопственост на државата, во посочениот период се прекршуваат одредби од Законот за спречување на корупција и Изборниот законик поврзани со вонредни исплати од буџетски средства на Република Македонија и воедно ги упатува на доследна примена на:

  • Член 11 став 3 од Законот за спречување на корупција од денот на донесувањето на Одлуката за распишување на избори до завршувањето на изборот на претседател на Република Македонија , пратеници во Собранието на Република Македонија и изборот на Владата на Република Македонија согласно со резултатите од изборите, како и од денот на донесувањето на Одлуката за распишување на избори па до завршувањето на изборите за избор на градоначалник или членови на советот, односно до конституирањето на советот на општините и на градот Скопје не може да се врши никаква вонредна исплата на плати, пензии, социјална помош или други исплати од буџетски средства или средства од јавните фондови, ниту да се отуѓува државен капитал ниту да се потпишуваат колективни договори и

  • Член 8-а став 1 алинеја 3 од Изборниот законик од денот на донесувањето на одлуката за распишување на избори до завршување на изборот на претседател на Република Македонија, пратеници во Собранието на Република Македонија и изборот на Владата на Република Македонија согласно со резултатите од изборите, како и од денот на донесувањето на одлуката за распишување на избори па до завршување на изборите за избор на градоначалник или членови на советот, односно до конституирањето на советот на општините и градот Скопје не може да се вршат исплаќања на плати, пензии, социјална помош или други исплати и материјални надоместоци од буџетски средства или од средства на јавните фондови кои не се редовни месечни исплати односно сите едногодишни трансфери и исплати или еднократни трансфери од буџетски средства или од средства на јавни фондови ниту да се отуѓува државен капитал ниту да се потпишуваат колективни договори.

  • Член 8-а став 3 од Изборниот законик од денот на донесувањето на одлуката за распишување на избори до завршување на изборот на претседател на Република Македонија, пратеници во Собранието на Република Македонија и изборот на Владата на Република Македонија согласно со резултатите од изборите, како и од денот на донесувањето на одлуката за распишување на избори па до завршување на изборите за избор на градоначалник или членови на советот, односно до конституирањето на советот на општините и градот Скопје, Министерството за финансии е должно сите буџетски исплати, освен редовни плати, пензии и комунални трошоци, да ги објавува јавно на интернет страна во посебна база за буџетски трошоци во изборен период.

Непочитувањето на наведените одредби од Законот за спречување на корупција и Изборниот законик повлекува со себе повикување на одговорност на одговорните и раководните лица на органите на државната управа, фондовите, агенциите, дирекциите, јавните претпријатија, јавните установи, независните регулаторни тела основани од државата, трговските друштва основани од државата и други институции основани од државата, другите државни органи и други правни лица што располагаат со државен капитал.

Државната комисија за спречување на корупцијата укажува Владата на Република Македонија и државните органи да пристапат кон примена на Законот за изменување и дополнување на Законот за минимална плата во Република Македонија и Законот за материјално обезбедување на невработени лица поради приватизација на претпријатија со доминантна сопственост на државата по завршување на изборниот процес.