Вие сте овде:

СООПШТЕНИЕ

Државната комисија за спречување на корупцијата учествуваше на Конференцијата на тема: „Итни реформски приоритети: Зајакнување на институционалната рамка во борбата против корупцијата. Има ли напредок?“ во организација на Платформата на граѓански организации за борба против корупцијата по повод одбележување на Меѓународниот ден за борба против корупција.

На конференцијата воведни обраќања имаа Слаѓана Тасева, претседател на Транспаренси Интернешнл-Македонија, Рената Дескоска, министер за правда, Самуел Жбогар, шеф на Делегацијата на Европската Унија во Македонија и Розета Трајан, генерален секретар во Државната комисија за спречување на корупцијата.

Генералниот секретар на ДКСК д-р Розета Трајан нагласи дека девет месеци сме без ДКСК, период кој сам по себе е специфичен како за институцијата така и за целото општествено живеење, додавајќи дека бранот на оставки во Комисијата само уште еднаш не потсетува дека јавноста е најголемиот чувар и сојузник во борбата со корупција. Денешниот настан треба да испрати силна порака дека за ефикасна борба со корупција потребен ни е темелен и суштински институционален и граѓански ангажман.

„Најнапред ќе се осврнам на првиот сегмент на денешната тема, односно аспектот на зајакнување на институционалната рамка. Изминатиот период беше период кога зборуваме за новото законско решение, односно новиот предлог закон за спречување на корупција и спречување на судир на интереси. Закон за кој сите имаме огромни очекувања и со кој што побрзо очекуваме да се стави во функција оваа важна институција. Токму поради тоа сакам да изразам благодарност до Министерството за правда кое во целиов период даваше несебичен придонес и помош за надминување состојбата во која се наоѓаме. Исто така сакам да се заблагодарам на нашите пријатели од ЕУ кои преку своите извештаи, експертски мисии, твининг проекти, проекти за набавка на ИТ опрема за ДКСК во целиот изминат период даваа значајна поддршка и не дозволија ДКСК да биде дисфункционална“, истакна Трајан.

На Конференцијата на различни теми и аспекти за превенција и борба против корупцијата говореа и Павле Богоевски, пратеник во Собранието на Република Македонија, Софка Пејовска Дојчиновска, поранешен генерален секретар во Државната комисија за спречување на корупцијата, Ана Павловска Данева, шеф на Делегацијата на Република Македонија во ГРЕКО, Вилма Русковска, шеф на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција – Скопје, Маргарита Цаца Николовска, судијка во Уставниот суд на Босна и Херцеговина, Лазар Нанев, претседател на Основен суд Кавадарци и Претседател на Советот за спречување на малолетничка деликвенција, Марко Трошановски од Институт за демократија “Социетас Цивилис” Скопје, амбасадорот на САД во Република Македонија Џес Л. Бејли, Сабина Факиќ, програмски директор во Центарот за граѓански комуникации и Емина Нурединоска, раководител на секторот за граѓанско општество во Македонски центар за меѓународна соработка.