Вие сте овде:

СООПШТЕНИЕ

Државната комисија за спречување на корупција во рамките на веќе воспоставената соработка со Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС) и Балканската мрежа за развој на граѓанското општество (БЦСДН), во периодот од 03-05 декември 2018 година учествуваше на работилница на тема: Вклучување на засегнатите страни во процесот на ревизија на Конвенцијата на Обединети Нации за борба против корупцијата (УНКАК).

Работилницата имаше за цел на едно место да ги обедини сите засегнати страни во процесот на ревизија на Поглавјата 2 и 5 од Конвенцијата што се однесуваат на превентивните мерки и на поврат на имотот и да овозможи дијалог за важноста на овој меѓународно правен инструмент во националното законодавство. Токму поради тоа на истата свое учество покрај ДКСК имаа и претставници од други релевантни државни институции: Министерството за правда, Царинската Управа и Дирекцијата за одземен имот, претставници од повеќе граѓански организации, но и од приватниот сектор претставувани преку Стопанските комори во РМ.

Претставникот од Канцеларијата на ОН за дрога и организиран криминал, Линди Музила, имаше свое обраќање во кое уште еднаш потсети дека Конвенцијата на ОН против корупција е единствениот правно обврзувачки, универзален инструмент за борба против корупција и нејзиниот член 13 го повикува целото општеството активно да се вклучи во борбата против корупцијата.

Владимир Георгиев, државен советник во Државната комисија за спречување на корупција истакна дека ДКСК како тело надлежно за превенцијата корупција во државата е директно вклучена во ревизијата на УНКАК и дека овој меѓународно правен инструмент треба да осигури дека спречувањето на корупцијата ќе биде високо на агендата на државата.

На работилницата свое обраќање имаа и Мимоза Киковска Стојменова, државен советник во Министерството за правда, Милаим Амети претставник на Стопанската комора на Северо-западна Македонија, Герман Филков од Центарот за граѓански комуникации, Елена Димовска, координатор за вториот циклус на ревизија на УНКАК и претставник на Министерството за правда и Тони Чаловски од Агенцијата за управување со одземен имот.

Во вториот дел од работилницата се работеше во групи во кои што се разработуваше конкретно прашање во насока на тоа како треба да изгледа процесот за ревизија на УНКАК со цел поголемо вклучување на сите заинтересирани страни, како и разработување на одредени аспекти од членови од Конвенцијата особено во делот на превенција на корупцијата.

Наодите од работните групи ќе бидат искористени за изготвување на паралелен извештај од страна на граѓанските организации  за имплементација на УНКАК во Република Македонија  т.н. огледало извештај.