Вие сте овде:

Проект - "Антикорупциска едукација на учениците од средно образование"

На 01.01.2019 година започна реализацијата на двегодишниот проект "Антикорупциска едукација на учениците од средно образование ", како продолжение на претходниот проект "Антикорупциска едукација на учениците од основно образование" кој резултираше со воведувањето на програма за антикорупциска едукација како дел од редовната годишна наставна програма во училишните наставни програми во основните училишта, во предметот Граѓанско образование.

"Антикорупциска едукација на учениците од средно образование " ќе се осврне на недостатокот на антикорупциска едукација во средните училишта, со цел повторно да се започне со програмата и да се воведе антикорупциска едукација како редовна тема во наставните програми во средните училишта. Програмата ќе се приспособи на возраста на средношколците и ќе се фокусира повеќе на подигнување на свеста кај младите за корупцијата, зајакнување на нивните знаења за корупцијата, форми на корупција и антикорупциски алатки, како и зајакнување на нивните знаења за важноста на градење личен интегритет.

Во периодот јануари-март 2019 година како прва активност е спроведување на истражување на национално ниво со млади луѓе со цел да се утврди сегашната состојба и да се утврди содржината на понатамошните активности насочени кон промена и подобрување.

Партнери за имплементација на овој проект се Државната комисија за спречување на корупцијата и Институтот за демократија "Социетас цивилис", со учесници од Министерството за образование и наука и Бирото за развој на образованието. Проектот е финансиски поддржан од Амбасадата на Холандија во Скопје.

Во периодот од 14-15 февруари 2019 година во Скопје ќе се реализира експертска мисија за Антикорупциските мерки во областа на образованието. Главната идеја е подобрување на капацитетите на ДКСК и други надлежни институции преку собирање на нови знаења и практични искуства за методологии, стратегии, техники и ефикасни мерки за превенција и сузбивање на корупцијата во образованието, како и зголемување на јавната свест за корупцијата во образованието, спроведување на истражувања за нивото на корупција во образовните институции, но и за соработката меѓу државните институции и граѓанскиот сектор во оваа насока. Овој настан е организиран од страна на Државната комисија за спречување на корупцијата во соработка со инструментот TAIEX на Европската комисија.